КОНТРА ЕНТРОПИЈА

април 26, 2008

ТЕМНА МАТЕРИЈА

Зачувано под: наука —— virial @ 7:53 pm

 

 

Денес кога во друштво ќе кажеш дека си астрофизичар, реакциите се различни, во прв ред изненадување, одобрување, восхит од финансиската ситуација и понуди за брак поретко… Но, има еден факт кој е непријатен, а тоа е дека се она со кое се занимаваме, набљудуваме и проучуваме е околу 4% од универзумот. Со други зборови, сите галаксии, заедно со облаците на неутрален и јонизиран водород околу нив, сите неутрина, сето зрачење се тоа е само 4% од содржината на вселената. Ние најпросто не знаеме што се останатите 96%. Добро, имаме доста добра представа што би можеле да бидат. На пример, околу 74% е нешто што се нарекува темна енергија, а околу 22% едно друго нешто наречено темна материја. Овој пост се однесува на втората компонента.

 

Најпрво, да објаснам како воопшто знаеме дека таму далеку постои нешто  што не се гледа, што не може да се види со ниедно средство за кое знаеме досега? Па, постојат повеќе посредни начини. Како прво, темната материја не е независна од универзумот. Со други зборови, и за неа важат истите физички закони, и што е најзначајно можеби, таа не е имуна на основните сили. Една од тие сили е и гравитацијата. Темната материја не зрачи (видливо, радио, рендген или било какво зрачење), но таа делува гравитационо преку својата маса на останатата  „обична“ материја. Обичната материја уште и се нарекува барионска материја, тоа е се она што го гледаме околу нас. Најпрво, беше откриено дека галаксиите најпросто кажано ротираат во своите надворешни делови побрзо отколку што би требало. Изгледаше како околу нив да има уште материја која влијае на нив. Но, таа материја, не можеше да се детектира. Оттука и името темна материја. Потоа, се откри дека супер галактичките јата (кои се составени од илјадници галаксии) одамна би се „разводниле“ во просторот. Пак, изгледаше како нешто да ги држи галаксиите кои се наоѓаат во нив заедно. И најпосле, се посилни се доказите дека темната материја игра голема улога во самата еволуцуја на целиот универзум. Што сакам да кажам со ова.

 

Во моментот најшироко прифатениот модел за настанокот на структурата во вселената после големата експлозија е ΛCDM моделот. Овде, Λ е онаа темна енергија која не е тема на овој пост, или фамозната космолошка константа (која може сепак да се покаже на крај дека и не е толку константна), а CDM е Cold Dark Matter, или ладна темна материја. Зошто ладна. Објаснувањето е малку техничко, но доволно е да се каже дека зборот ладна само ја опишува енергетската состојба на темната материја за која мислиме дека е одговорна за универзумот да изгледа онаков како што е денес. Последниве години, со напредокот во технологијата на градење на се побрзи суперкомпјутери, возможно е да се прават нумерички симулации кои симулираат огромен број на честички (нивното меѓусебно гравитационо влијание); во случајов честички означуваат галаксии и дистрибуција на темна материја. Кога тој модел се остави да се развива со тек на време, на крај се добива структура на просторна распределба на јатата на галаксии која е многу слична со она што се набљудува во реалноста кога се користат големи телескопи кои може да гледаат многу далечни објекти. На наредните слики е прикажан еден чекор од таквите еволуциони симулации, со зумирање кон еден регион (црвено поместување z = 0, или еквивалентно на сегашноста).

 

 

seqB_063a_thumb.jpgseqD_063a_thumb.jpgseqF_063a_thumb.jpg

 

 

Во втората серија од слики подолу, прикажано е истото, само за отсечок кој е со црвено поместување од z = 18.3 или само 210 милиони години после создавањето на вселената.

 

seqB_005a_thumb.jpgseqD_005a_thumb.jpgseqF_005a_thumb.jpg

 

 

Сите оние светли точки на симулацијата која го прикажува сегашниот момент се ЈАТА на галаксии. Се гледа како со тек на времето од почетната хомогеност која останала после ладењето на  „брановиот фронт“ на големата експлозија, темната материја формира филаменти, по кои обичната материја тече и се слева. Во јазлите кои настануваат на пресекот на филаментите, се формираат првите концентрации на гас, од кои потоа се формираат првите ѕвезди и галаксии, па првите галактички јата. Овој процес сеуште трае, и како што вселената се шири, филаментите се се поизразени, а млазеви од барионска материја се слеваат во јазлите. Помеѓу филаментите се гледаат огромни празнини. Во голем размер може да се види дека вселената е хомогена. Треба да се напомене и тоа дека ова е симулација на само еден дел од вселената, и тоа дека ние можеме да видиме само еден дел од целиот универзум, поради конечната брзина на светлината. Секако, би требало да се знае и тоа дека кога гледаме преку големи пространства ние всушност и гледаме назад во времето токму поради конечната брзина на светлината.

 

И покрај успехот во овие изучувања, сеуште постојат неодговорени прашања. На пример, што го предизвикало почетното разделување на филаментарна структура? Видовме дека темната материја има големо влијание врз еволуцијата на универзумот, но сеуште не знаеме што е точно таа. Преовладувачкото мислење е дека тоа се некои масивни честички кои многу слабо реагираат со остатокот од материјата и зрачењето (WIMP – Weakly Interracting Massive Particles), но сеуште не се откриени. Истражувањата во оваа област се топ тема во физиката, и пред неколку недели групата DAMA објави резултати кои се знак за можна детекција, но тоа останува да биде потврдено.

 

Ако е тоа точно, тоа би значево дека темната материја е секаде околу нас, и додека го пишувам ова, а додека вие читате, милијарди такви честички минуваат низ нашите тела и продолжуваат на својот пат. Еве фундаментална поврзаност со космосот, на начин кој е повеличествен од сите останати, дури и од оној кој го заговараат астролозите.  

 

Ако ве интересира, повеќе симулации може да видите на сајтот на Millenium Simulation Project 

април 22, 2008

ПАТУВАЊЕ

Зачувано под: поезија —— virial @ 2:12 am

Се најдов на патот случајно,

силна светлина

доаѓањето го пратеше бол

пред тоа немаше ништо,

само можности и молк.

 

Зачекорив невешто и слабо

невидливи раце помагаа.

Беше рамно, одев,

дрвјата доаѓаа.

 

Сигурен бев, чекор цврст

крошните над мене се шират

корења преплетени крај патот,

лисјата ги бројам со прст.

 

Страшно! Инсекти на листот мал

го јадат со сласт

цвеќе убаво видов, овена сега

мртви лисја пласт по пласт.

 

Очај! Над мало дрвце големи се свиле,

та што е криво тоа завал?

Гром нив ги спржи, олуја се крева,

силен порој го однесе и него в навал.

 

Чекорам, трчам веќе,

излегов од шумата лесно

еве ливади, зелена трева, росно цвеќе

одам нагоре

сила надолу влече бесно.

 

Ветар цвеќињата ги свива

облаци се носат по блиското небо.

Светлина снемува, мрак

карпи се појавуваат в лево.

 

Дожд од камења цвеќето го здроби

Но, еве друго расне покрај патот

одам напред, бегајте зли коби,

сонцето пак свети над патот.

 

Гледам далеку,на високо сум бил,

одвај земам здив, светот е мил.

Плеќи ми се свиени, ја бришам потта,

пат веќе нема, еден насмев, блесок

и се сви мрак над плотта.

април 21, 2008

ЗА “ОСТРОВОТ” НА HUXLEY

Зачувано под: литература —— virial @ 2:31 pm

На светов постојат огромен број на творби на човековиот интелект. Ограничувајќи се на литературата се препознаваат различни жанрови, и секој човек  соодветно на своите сваќања, моментални ставови и желби, ако го прашате, ќе може да посочи на една книга која во моментот на прашувањто се одделува од многуте кои за него се посебни. Се решив да пишувам за книгата “Остров” на ако може само така да се именува писателот Aldous Huxley. Нема да дадам кратка биографија на авторот, туку само краток преглед на делото. Значи, приближно оди вака:

 

Младиот навинар известувач од кризни жаришта Will Farnaby се буди на еден остров едно утро. По сознанието дека е жив и не сосема здрав, се присеќава како ризикувајќи го животот се нашол на забранетиот остров Пала по налог на својот шеф нафтениот магнат лордот Joe Aldehyde. Will е тука за да ги наговори островјаните да дозволат експлоатација на нафтата која ја има во изобилство на островот. Истовремено, тој е растргнат од емоции кои ги носи длабоко во себеси. Сурово ја напушта својата сега веќе несреќно загината девојка заради Babs, која е се‘ што Molly не беше. Тука Will е жртва на животинските страсти, но сега тој треба да ги убеди жителите на Пала да се цивилизираат, а тие  упорно го одбиваат тоа.

 

По неколку стотини страници, Will си оди од островот душевно изменет, мирен, но недоволно изменет за да ја спречи инвазијата на соседната држава врз Пала, и нафтата е добиена.

 

Не е баш “јака” рецензијава, нели? Како да фали цела една книга и се прашувате зошто го пишувам ова и зошто не сум се искажал подобро

 

Одговорот на првиот дел од прашањето е за да барем малку ве направам љубопитни, а за вториот дел вистината е дека едноставно не можам подобро на овој простор или со пишување. Тука е потребно лично искуство. Се што можам е само да загатнам некои теми кои што ги допира авторот.

 

Зошто дејството е сместено токму на некојси остров? Дали цивилизација = среќа, што е со самоспознавањето и дали може да се контролираат проблемите како сиромаштијата, пренаселеноста

 

И, што станува со семејството, односот кон децата? А љубовта, пријателството, сочувството  и свесноста? Што се овие поими и како се однесуваат меѓу себе и во заедницата?

 

Huxley се труди да се искаже. Различни луѓе различно мислат за него, неговите идеи и творештво, што е и нормално.

 

Секако, “Островот” не е негово единствено дело. Ги има напишано и: "The Brave New World", "Ape and Essence", "Eyeless in Gaza", сценарија, новели, есеи, како и извесно количество поезија.

 

Книгиве можете да ги побарате во библиотека, но не ќе биде лошо и да се се нурнете малку во мрежата. Ако во било кој пребарувач напишете: (Aldous) Huxley ќе добиете адреси каде што може да дознаете многу за него лично, неговите дела (и недела) итн. Па, направете избор и читајте.

 

Ако сепак некој нема време да чита или сурфа на мрежата (и пак чита) ќе си дозволам да препишам една негова песна. Ја давам во оригинал на англиски од причини кои што ќе бидат очигледни по читањето:

 

Formal Verses

 

I

 

Mother of  all my future memories,
Mistress of my new life, which but to-day
Began, when I beheld deep in your eyes,
My own love mirrored and the warm surprise
Of the first kiss swept both our souls away,

 

II

 

Ah, those were days of silent happiness!
I never spoke, and had no need to speak,
While on the windy down-land, cheek by cheek,
The slow – driven sun beheld us. Each caress
Had oratory for its own defense;
And when I kissed or felt her fingers press,
I envied not Demostheness his Greek,
Nor Tully for his Latin eloquence.

април 20, 2008

МОРИС

Зачувано под: политика —— virial @ 6:25 pm

Морис го запознав на една неформална забава која ја организираше колешка од факултетот за лингвистика. Таму беше дошол со своите другари од Бурунди. Морис е од Руанда. После запознавањето и муабет за сличноста на јазиците меѓу Бурунди и Руанда (кои испадна дека се слични како и Македонскиот и Бугарскиот на пример), јас му реков дека за жал за неговата земја имам негативна представа, која е поттикната од фактот што кога ќе се спомене Руанда, моментална асоцијација ми е геноцидот кој се случи таму во 1994 година кога околу 800 000 припадници на племето Тутси беа масакрирани од припадници на племето Хуту. Морис се насмеа и рече дека тој бил таму во тоа време, па ако сакам може да ми раскаже што тој доживеал. Зошто да не, реков. Еве што ми раскажа Морис…

 

"Заедно со фамилијата после првите немири заминавме кај нашите роднини во Бурунди. Откако поминаа неколку недели, вујко ми рече дека сака да се врати назад, затоа што нема повеќе насилства, па му рече на татко ми дека дека јас или брат ми можеме да одиме со него. Јас имав 12 години, брат ми беше малку постар. Брат ми не сакаше да оди, бидејќи имаше натпревар во фудбал, па јас се согласив да одам со вујко ми и вујна ми. Се вративме во нашиот град и бевме во нашата куќа кога започнаа нападите на Хуту милицијата. Подоцна ми стана јасно дека тоа беше почетокот на геноцидот. Дојдоа во куќата со листи на кои беа имињата на сите кои живеат во квартот. Јас се скрив на покривот, а бидејќи немав лична карта (бев мал) се спасив. Кога ги видоа вујко ми и вујна ми, им побараа лични карти, на кои пишуваше дека се Тутси. Ги убија веднаш, а јас гледав. Потоа, почекав да се стемни, па отидов во (католичката) црква. Таму се беа собрале околу 3000 луѓе. Свештеникот не заклучи во црквата, а потоа отиде да ја повика милицијата. Ја опколија црквата, а и свештеникот имаше пиштол. Луѓето во очај, се обидуваа да ги запрат оние од надвор кои сакаа да ја срушат вратата. Еден Хуту однадвор фрли граната преку процеп над вратата. При експлозијата, жената која стоеше пред мене падна врз мене и ме прекри. Јас се онесвестив, а оние од надвор влегоа и започнаа со убивање. Кога се освестив, сакав да излезам оттаму, но уште еден преживеан со слаб глас ми довикна да чекам. После два дена излегов од црквата и започнав да се движам. Не знаев каде одам. Патував навечер, а Хуту имаше насекаде. Правило беше дека ако си дете или маж, веднаш те убиваат. Ако немаш документи, се загледуваа во носот. Ако проценеа дека носот ти е сплеснат, тогаш си Тутси, и те убиваа. Морав да се кријам во масовните гробови, затоа што проценив дека таму никој нема да бара. Добро беше кога телата беа свежи. После одредено време, поради дождот и сонцето започнуваа да се распаѓаат; тогаш морав да одам понатаму. Додека така се криев во една гробница, видов како Хуту милицијата силува и бремени жени, а потоа им ги вадеа бебињата и ги нижеа на прачка која поминуваше низ вратот на секое бебе. Потоа ги оставаа како знак за другите Тутси кои сеуште беа живи. После одредено време налетав на војници на една афричка мисија, кои иако сеуште се бореа во обид да воспостават ред, ме зедоа со нив. Така преживеав, а после неколку недели се вратив кај моите во Бурунди."

 

Се обидував да не размислувам за она што го слушнав веднаш, туку го прашав за историјата, ме интересираше како можат луѓе да се натераат да убиваат луѓе на тој начин. Она што го слушнав беше многу интересно.

 

"Одамна, пред белите колонизатори да дојдат во нашите краишта, поделбата на Хуту и Тутси постоеше. Но, тоа беше како класен систем. Ако си богат, тогаш си Тутси. Ако си сиромав, тогаш си Хуту. Ако се збогатиш, од Хуту преминуваш во Тутси, и обратно. Се беше во ред. Тогаш дојдоа Германците. Тие во главно се интересираа за дијамантите и други суровини. Се задржаа кратко, а потоа дојдоа Белгијците. Тие сакаа да владеат, но им пречеше единството на населението. Ја донесоа и католичката вера, и секој мораше да оди во црква. Ја применија филозофијата дека за да се владее, најпрво треба да се раздели народот. Како и секаде, богатите беа малцинство, и колонизаторите го укинаа преминот од една во друга класа. Повеќе не можеше да бидеш Хуту, па да преминеш во Тутси, ни обратно. Сега се раѓаш и цел живот остануваш или Хуту, или Тутси. Паралелно со експлоатацијата на земјата, децата Хуту одеа на училиште во црква а таму се учеа дека Тутси се странци, дека не се толку црни како вистинските Хуту, и дека доаѓаат од Абисинија (Египет). Беше во ред да ги мразиш. Во 1994 наеднаш беше вистинскиот момент да почне пресметката. Ќе се зачудиш што се се во состојба да направат луѓето ако им ветиш дека откако ќе убијат некој, ќе може да го земат целиот негов имот. Геноцидот во Руанда беше рекордно брз. Близу 1 милион луѓе се убиени за околу 2 недели. Ефикасно. Некои од Тутсите и сакаа да умрат, затоа што не сакаа да заминат од своите домови, не сакаа вечно да бегаат, па едноставно се препуштија на судбината. По геноцидот дојдоа болестите. Во бегалските кампови се појавија ебола, колера…"

 

Се интересирам дали е можно помирување.

 

"Не. Барем не дури нашава генерација е жива. Кога се вратив на училиште после се, заедно со другите Хуту деца, ме гледаа со омраза. Тутси се змии, на змии треба да им ја смачкаш главата, не да живееш со нив…"

 

Му расправам дека во истото тоа време, далеку од таму на едно место што се вика Босна, се случуваше нешто многу слично. Потоа беше Косово, па за малку ќе беше и Македонија…

 

Си пиеме од пивото и се смееме на глупоста. Морис е сега доктор и чека да види дали неговиот истражувачки проект ќе се прифати, па можеби ќе започне магистерски студии тука. Но, сака да се врати назад во Руанда, и како што вели тој, сака да им помага на луѓето, а додека ги лечи, да им раскажува за човечката природа, и да превенира она што го доживеа тој да го доживеат некои други деца во иднина.

 

Морис, му велам, ако луѓе тоа го правеле за пари и од омраза, што би можело да се случи ако некогаш не погоди вистинска криза, како глобален глад на пример? Одговорот го предпоставуваме и двајцата, но никој не изустува ништо. Дознавам и дека црквата се оградила од одговорност тврдејќи дека таа не може да е одговорна за постапките на некои луѓе…

 

Чудно… после муабетот, сега кога ќе се спомене Руанда, првата асоцојација не ми е геноцидот, туку Морис и неговата насмевка. Неговата одлучност и успехот се што доживеал да остави колку што може зад него, и да биде доктор кој ќе им помага на луѓето. А токму тој би имал многу причини да мрази и да се одмаздува…

 

Не тврдам дека ова е универзална вистина за она што се случувало таму. Ова е само транскрипт на разговор.

 

Дали ние на Балканот можеме да научиме некоја лекција од нашите браќа во Африка? Можеби некој ќе рече дека тоа се само црнци а ние сме далеку поцивилизирани? Мислите дека навистина е така? Ете, се споменуваат пак истории, се потсетува на пролеана крв како изговор да се лее уште? Се игра со оган покрај бензинот на човечките сеуште нескротени животински страсти и национализми…

 

Јас пак се враќам над книгите и учам за ѕвезди, галаксии и такви нешта… Земјата е едно зрно прав во мојата тетратка кога ги пресметувам тие немерливи пространства. А сепак, толку поделби, омраза… Сите сме ѕвезден прав на крај. 

април 19, 2008

ЗОШТО НАУЧНА ФАНТАСТИКА

Зачувано под: литература —— virial @ 1:32 pm

Многупати ми го имаат поставено прашањето која е целта на научната фантастика како литературен жанр. Ме имаат прашувано и дали таа треба да се нарекува литературен жанр. И додека во огромен дел од светот ваквите прашања се одамна разрешени, како и во многу други области, кај нас во Македонија доаѓа времето кога треба да се зафатиме со “проблемот” на објаснувањето. Да започнеме.

 

Мислам дека најпрво треба да ги разграничиме поимите “научна” и “фантастика”. Поимот фантастика е поопшт. Тука спаѓа творештво кое на фантазијата на авторот  и’ дава најголема слобода. На пример, фантастични се делата на Толкин. Меѓутоа, ако авторот се обидува да напише дело од областа на научната фантастика, можностите се стеснуваат. За тоа дело да биде “научно”, а сепак “фантастично”, авторот мора да има познавање на тековната наука, понекогаш многу длабоко, а сепак да има способност да екстраполира, предвидува и укажува на дотогаш несогледани последици и ситуации. Некои теоретичари на научната фантастика велат дека таа најчесто се труди да превенира определени состојби кои би можеле да се појават со несоодветна примена на науката, односно да укаже на нив. Писателите на научната фантастика имаат покомплексна задача од “обичните” писатели. Ако сакаат да бидат добри, тие мора да ја имаат неопходната ерудиција, да владеат одлично со дејството, да имаат способност да го доловат моментот, но во исто време и да ги разрешат конфликтите со кои ги соочуваат ликовите во рамките на жанрот. За да ликовите имаат живот, НФ писателот мора да е и психолог, да владее со течното раскажување. Сите овие особини може да се најдат во творештвото на врвните мајстори на жанрот. Не смее да се заборави и тоа дека можностите за заплет во НФ жанрот се поголеми од класичните, а јунаците се соочени со далеку покомплексни ситуации. Етичката димензија е секогаш присутна, при што авторот мора да донесува етички и морални судови во извонредно тешки услови кои во “нормалната” литература не постаојат. На пример, дали е возможен единствен етички критериум во случај на средба помеѓу две целосно различни вонземни раси?

 

Поради ова сметам дека не само што научната фантастика е посебен жанр, туку е и покомплициран и “потежок” за работа од класичните.

 

За да расправаме за научната фантастика, не смееме да пропуштиме и да ја поставиме во нејзиниот контекст. Имено, како и секој литературен вид, и таа има причини за своето појавување, своја публика на која и се обраќа. Пред времето на технолошката и научна револуција, да се пишува НФ  едноставно би било невозможно. Некои велат дека  првите научнофантастични дела се раскази на Леонардо од Винчи или “Сомниум” на Јохан Кеплер. Не треба да не чуди тоа што и двајцата се научници и што живеат во време на научно технички револуции. Во секој случај, добар НФ писател или живее во научно наклонето време или е пред своето време (случај со Леонардо, и во помала мерка со Жил Верн). Експлозијата на жанрот во почетокот на 20 тиот век само потврдува дека НФ е и предвесник на голем технолошки развој. Но таа најчесто и критикува, коригира и укажува на секогаш присутната слабост на човечкиот дух да ги контролира силите кои што науката му ги става на располагање. Односно, вечното прашање: малкутемина генијални умови кои што откриле нешто се способни да се носат со тоа знаење; штом знаењето излезе од лабораториите, почнуваат проблемите остатокот од луѓето не се она што би требало да бидат. Научната фантастика служи и како соодветен вид на реклама за науката. Таа им помага на пошироки слоеви од населението да ја сфатат и прифатат науката. На пример, постои верување дека освојувањето на Месечината не би можело да се оствари, ако јавноста во земјите кои што тоа го направија не била подготвувана преку НФ жанрот да ја осознае ползата од целата вселенска програма. Секако дека оваа подготовка била спонтана уште од 30 тите години на 20 тиот век, кога луѓето започнуваат да се интересираат за НФ во поголем број.

 

Фрапантно е како интелектуалците и политичарите (за овие вторите помалку не изненадува) не ја сфаќаат поврзаноста помеѓу читањето на научна фантастика и развојот на науката и техниката во една земја. НФ е книжевен жанр на научниците, сегашни и идни. Со неговото претварање во стереотип, означување како несериозен, не само што се открива глупоста на оние кои што зборуваат така, туку и се поништуваат сите јавни заложби за развивање на општество основано на знаењето. Ако сакаме Македонија да се приклучи кон светот врз основа на натпревар со знаење, се почнува меѓу другото и на овој начин. Жалосно е што ова сеуште не се сфака од структурите кои ја изготвуваат стратегијата за научен развој  (ако воопшто такво нешто се прави).

 

Во одбрана на заслуженото место на научната фантастика во литературата може уште многу да се зборува. Таа имала свои подеми и падови, свои изобличувања од страна на масовните машинерии за забава, но опстанувала. Кога во својата најчиста форма ќе се развие до големи размери, тоа е сигурен знак дека заедницата каде што тоа се случува не само што е научна и технолошка, туку и етична и одговорна во примената на науката. А тоа е најважно. Што  се однесува до ситуацијата во Македонија, таа не е нии малку розова.  Најактивно  НФ се промовираше во Велес колку што ми е мене познато, каде што се издаваше и списание со  НФ тематика. Издаден е само еден НФ роман на македонски за кој сум запознат. “Кристалната планета“. Авторката беше млада колку  што се сеќавам , но што се случи со неа и дали сеуште твори, не знам. Се обидовме и во Битола да покренеме НФ фанзин, но тој дојде само до фазата на припрема за печатење, и никогаш не се испечати. Ако сакаме да земеме пример како се прави ова, не треба да се гледа многу далеку. Во Хрватска има многу развиена НФ сцена (SFERA) која е остаток од движењето кое беше многу активно во времето на Југославија, но кое денес има и свој подмладок. Постов е напишан како укажување и промислување и на овој  дел од живеењето денес во Македонија.

април 18, 2008

ОБИД

Зачувано под: раскази —— virial @ 11:25 pm

Немирот растеше додека чекорев по мокриот асфалт. Концентричните кругови во локвите вода ги прекршуваа светлата на солитерите и неонските празнења. По малку и се предадов на сообраќајната мрежа која ме исфрли неколку километри подалеку, на работ на градот. Сеќавајќи се сеуште на градите на девојката до која стоев во метрото, мозокот се бореше против сликата наметната од очите. Влага, неосветлени улички и мирис на цветови.

 

Куќата беше затскриена во мал двор. Влегов. Еве ја и вратата. Уште еднаш влегов. Старецот седеше пред телевизорот и пиеше пиво. Во аголот светеше само една ламба. Телевизорот беше изгаснат. "Најпосле пристигна" – промрморе. А потоа:  "Еве ја" – ова се однесуваше на книгата во неговите раце. Ја фрли со чудесна леснотија. Одвај ја фатив. " Прочитај ја " – изусти. Во очите имаше потсмев. "Мене многу ми помогна " – и веќе не гледаше во мене, туку во  матниот отсјај на катодната цевка. Пивото се изли во неговото грло. Немирот пак се појави. Тешко дишев. Куќата се раствори и се беше бело. "Зошто е се онака како што е". Насловот. Трепнав и се разбудив. Таа лежеше до мене. Мирисаше на испотено цвеќе. Бокот и се отцртуваше наспроти белината на спротивниот ѕид од собата. Белината како реакција на уличната светилка. Светлина пропуштена низ стаклото, одбиена од ѕидот, од тоа тело, и во моите очи. Нејзината десна рака почиваше меѓу моите нозе. Беше жешко, а таа спиеше. Имав ерекција. Чувствував огромен товар. Чувствував дека ја посакувам.

април 17, 2008

Студии по Астрологија во Скопје

Зачувано под: општество —— virial @ 9:14 pm

Пред некој ден си слушав радио (Равел) и слушнав нешто навистина интересно. Гостин во емисијата беше астролог, и беше убаво да се слушнат интересни факти за астрологијата посебно за различните астролошки системи. Јас лично ја почитувам оваа човечка активност која била присутна од најстари времиња. Впрочем, астрологијата е претходник на астрономијата.

 

 Меѓутоа, интересот наскоро го заменив со чудење, и неверување во тоа што се деновиве може да помине во Македонија. Имено, гостинот ја искористи емисијата да не информира дека  во книжарата Три ќе се одржи промоција на првиот учебник по астрологија на македонски јазик. Ајде, тоа некако го сварив, но потоа се обзнани дека од на есен во Скопје ќе се отвори факултет по астрологија ?! Студиите би биле четиригодишни, а предавачи ќе бидат реномирани ?! професори од странство. Цените на студирање би биле споредливи со оние на другите приватни факултети.

 

Во ред, ако некој реши со свои пари да отвори приватен факултет, нема проблем. Но, зарем во државава не постојат комисии кои треба да дадат дозвола што се може да се регистрира како високообразовна институција? Ако постојат и дале дозвола, тогаш навистина немам коментар. Ако не дале дозвола, тогаш гостинот по малку не ја кажувал вистината. Некој ќе рече што има лошо во тоа ако се отвори факултет по астрологија. Мојот одговор би бил: едноставно, астрологијата не е наука.

 

Од најстари времиња луѓето барале начин да ја намалат несигурноста во своите животи и да побараат доказ дека нивниот живот е поврзан со космосот. Поврзаноста е факт, но тој факт е посуптилен отколку што тврди астрологијата. Астрлолозите велат дека времето на раѓање на некој човек го определува неговиот карактер па и неговата судбина. Направени се многу студии кои се обиделе врз основа на стандардни правила кои важат за секој научен експеримент да ја потврдат валидноста на астрологијата, но до ден денес сите такви обиди само потврдуваат дека астролошките предвидувања немаат реална вредност и се на ниво на статистички предвидливи осцилации во конкретното истражување.

 

Мене воопшто не ме изненадува огромниот интерес на луѓето за астрологијата, бидејќи во основа тука на дело се истите психолошки механизми кои и религијата ја прават она што е. Астрологијата има и корисна компонента бидејќи ги научила луѓето да набљудуваат и извлекуваат заклучоци од небесните појави. Но, да се продолжи со истата линија на резонирање и денес кога имаме поинаква представа за нашето место во космосот и поинакви (нови) сознанија, не само што е глупаво, туку во одредена смисла е и неодговорно. На астрологијата местото и е во музејот на човековото знаење и искуство.

 

Зошто го употребив зборот неодговорно. Затоа што луѓето кои се астролози свесно го поддржуваат светогледот дека карактерот и судбината на човекот се предодредени од ѕвездите (позицијата на планетите во однос на фиксните ѕвезди во моментот на раѓањето), и најчесто наплатуваат за своите услуги. Во овие моменти кога информаците за се и сешто се се подостапни, а во исто време луѓето се се позафатени, се појавува една нова опасност. Луѓето читаат се и сешто, поврзуваатт разни минати вредносни и духовни системи, и се создава еден вештачки свет на езотерија, свет откинат од својот контекст во кој модерниот човек ги користи придобивките на науката, а истовремено верува и во народски кажано бабини деветини. Тоа и на научниците им смета, затоа што најчесто ја искривува сликата за нивната работа.

 

 Денес, кога се бара луѓето да се високо свесни за своите постапки, се сепнувам секогаш кога ќе видам како млади луѓе читаат дневни хороскопи. Тие велат дека тоа е само забава, но сепак читаат. Несвесно сеуште постои мистичен однос кон вселената, која и мене ме исполнува со стравопочит, но не како баба рога која ми ја крои судбината, туку како мистерија што треба да се спознае. Но, да се спознае со отворени очи, а не во астролошки контекст.

 

Да се вратам на почеток. На прашањето каде ќе се вработат тие студенти кои ќе завршат астрологија, гостинот кажа дека моќните компании ангажираат астролози кои помагаат во предвидување на идните движења на пазарот. Ова не ме изненадува знаејќи дека луѓето се би сториле за повеќе пари. Се изненадив само од водителот, кој беше навистина професионален. Само така би можел да го објаснам неговиот преголем интерес за темата. Инаку, алтернативно објаснување би било дека релативно млад човек како него кој е урбан и современ навистина верува  во астролошки предвидувања ?!

 

А сево ова се случува кога студиите по астрономија во Македонија се во својот зачеток (мислам дека само уште Албанија нема такви студии во регионов, но може да грешам). Не се поддржани од државата како што треба, а владата се колне дека го поддржува знаењето …

април 16, 2008

Мегалитската Опсерваторија Кокино

Зачувано под: наука —— virial @ 12:05 am

Верувам дека повеќето од вас кои ќе го прочитаат ова, веќе имаат слушнато за мегалитската опсерваторија Кокино, и тоа е добро во овие времиња кога премалку посветуваме внимание на работи настрана од политиката. Доста е направено во нејзина промоција, пред се од страна на Македонското Истражувачко Друштво. Секако, никогаш не е доста.

 

Мојот мотив за пишување на овој пост не е толку промоција на локалитетот, туку осврт на некои случувања од професионален (астрономски) аспект. Најпрво да си кажам дека поради сплет на околности никогаш не сум го посетил локалитетот, и сите мои представи се должат на слики и разговори со мои пријатели кои биле таму. Но, тоа и не е толку битно за она за кое што сакам да зборувам. Локалитетот е датиран дека е стар 3800 години, а можно е и да е постар. На официјалната страна (линкот погоре) ќе ве пречека завидно добро изработена презентација со сите потребни информации. Астрономската анализа ја направи Ѓоре Ценев од МИД, и колку што сум јас информиран таа се совпаѓа со датирањето на археолошките наоди (керамика). Кој метод е користен за археолошко датирање (TLD или нешто друго) не ми е познато, но сигурно прашања може да се постават кај Arwena. Во времето кога Кокино е откриено (2001), во македонија не постоеше официјална катедра по астрономија на ПМФ, па не знам кој официјално ги потврдил астрономските датирања. Неофицијално знам дека тие биле потврдени од страна на бугарски астрономи. Без намера да го спорам астрономското датирање, ниту стручноста на бугарските колеги, за која знам дека не е под знак прашалник бидејќи сум имал прилика да ги запознаам и да се уверам во неа, сакам да посочам нешто. Иако не се крена многу прав по тоа прашање како и обично, во тие моменти се покажа колку Македонија уште еднаш заостанува во астрономијата. Иако оттогаш насоката по астрономија се формира на ПМФ, знам дека не е поддржана како што треба од државата и се третира како куриозитет, а не како наука. Се потврди дека практиката изнаоѓа начини да ни укаже дека се е поврзано со се останато. Македонија нема домашни капацитети да третира археолошки наоди поврзани со астрономијата интердисциплинарно. А такви постојат. Пронајдена е карта на небото изгравирана во камен, која мислам дека никогаш не е астрономски третирана, само археолошки. Понатаму, поради незаинтересираност, оригиналниот сончев часовник со уникатен дизајн пронајден во Хераклеа е и денес во Белград, а во музејот во Хераклеа има само негов гипсен одливок. Негова анализа е направена и објавена во списанието "Васиона" во 1983, но никој од Македонија не се заинтересирал за тоа понатаму.

Природните науки државата ги третира како маќеа. За археологија и се издвојува по нешто, за истражување на Кокино се доделени неколку илјади евра (смешно), но не сум чул ништо за тоа дека се пристапило кон опремување на новите студии по астрономија, дека некој од министерството мисли на тие студенти, ништо од правење барем на една мала опсерваторија за вежби ако не за друго, или потпишување на договори за соработка со европските астрономски структури кои би можеле да помогнат… А во меѓувреме, се отвараат прсиплева универзитети, приватни факултети… Само, чудно, никаде нема студии по природни науки. Се нешто економија, право…

април 13, 2008

ВО ЕДЕН ЗДИВ

Зачувано под: театар —— virial @ 3:12 am

-ЕДНОЧИНКА СО ЧЕТИРИ ЛИЦА-

 

Ситуација:

 

Македонија, 2176 година. Планетата Земја е обединета. Држави и граници не постојат. Светот е едно среќно глобално село. Исправка: постои една граница на целата планета. Тоа е границата околу Македонија. Таа привлекува туристи од целиот свет за да ги видат нештата за кои тие читале само во книгите: пасоши, царини, визи (кои важат само за граѓаните?! на Македонија за излез во светот), пари, како и единствените обичаи на локалното население кои успешно ја држат Македонија затворена зад граница. Конечно, по подолги обиди да го хуманизира ова парче земја, светот донесува радикално решение. Македонија ја покриваат со о-гром-но стаклено ѕвоно. Таа е ставена на специјален режим на увоз на воздух од остатокот на светот, нема вегетација, освен пиперки кои се извезуваат. Мозоците на населението атрофираат а светот се надева дека ќе се опаметат.

Во Македонија сите пушат цигари кои ослободуваат кислород и се надеваат на подобро утре.

 

Лица:

 

ТАТКОТО: Висок, слаб човек на околу 50 – тина години со проретчена седа коса.

МАЈКАТА: Слаба, ситна жена.

ЌЕРКАТА: Тинејџерка.

СИНОТ: Дваесетгодишник, долга коса, со ленонки, слаб во долг црн капут.

 

Сцена:

 

Две врати лево и десно, прозорец во позадина со едно цвеќе во саксија на симсот. Низ прозорецот се гледа чад во воздухот. Еден кауч на кој лежи мајката и дише полека, маса и четири столици во средината. Ќерката во лотос позиција медитира лево од прозорецот на едно чергиче.

 

Десната врата со тресок се отвора и влегува таткото гледајќи втренчено во парче хартија кое го држи во рацете.

 

ТАТКОТО: Па добро бре, вие стварно немате памет. Еве, сметката за воздух за минатиот месец е 7000 конвертибилни денари. Што сте правеле, да му ја е мајката? Како да го платам ова со плата од 1000 конвертибилни денари ? (Кашла и се потпира на едно столче, а потоа седнува).

МАЈКАТА: (Зборува скоро нечујно) Мажу, еве јас веќе два месеца штедам воздух, но дотука бидува. За децата не знам.

ТАТКОТО: Што ќе кажеш на ова, мори ти, чумо? (се врти кон ќерката и мафта со сметката).

ЌЕРКАТА: Тато, ќе те молам, да не викаш кога зборуваш со мене. Јас дишам колку што ми треба. Ако некој направил сметка, прашај го син ти. А сега, остави ме на мира.

ТАТКОТО: (Станува и чекори низ собата) Знаев. Ова можел само тој да го направи. Ах, копиле едно, со овие раце ќе го задавам. Хм, па што, барем ќе го намалам трошокот. (Ги крева рацете со згрчени прсти и го испушта листот, па се наведнува да го земе, а во тој момент од левата врата влегува синот).

СИНОТ: Тато, излегувам. (Оди кон десната врата).

ТАТКОТО: Застани, несреќо!

СИНОТ: (Застанува и се врти) Што е пак сега?

ТАТКОТО: Како што е сега? Знаеш ли дека стигна сметката за воздух? Погоди колку треба да се плати. 7000 конвертибилни денари. Знаеш ли ти колку пари се тоа?

СИНОТ: Па што ми викаш мене?

ТАТКОТО: Како што Чекај, чекај Што криеш под капутот?

СИНОТ: Ништо

ТАТКОТО: (Оди до него и го претресува) Резервоар со воздух! Десет литри под висок притисок! Добро бре, нормален ли си ти? Сигурно си го наполнил од куќниот вентил. Еве ја од каде дошла толкава сметкааа

СИНОТ: (Го зема резервоарот од татковите раце, оди до излезната врата, ја отвора, се врти) Ти стварно немаш поим како јас живеам. Па добро бе, ми требаат некои минимум услови, ни една јонизаторска маска немаме, еј, заебан еден! Па сигурно дека ќе земам воздух, како инаку да ќарам нешто? Со убави зборови? Не е ова времето кога ти си бил млад! (Ја треска вратата и излегува).

ТАТКОТО: Ти си луд, еј, знаеш? Така разговараш со мене! Јас не сум знаел, а? Ако не кон мене имај обзир кон мајка ти што се мачи секој ден, говедо! Жено, жено мори, кажи нешто!

ЌЕРКАТА: Не те слуша, спие.

ТАТКОТО: (Пак кашла и седнува скршен на столчето)

СИНОТ: ( Влегува со кашлање и се гледа во таткото) Стари, дај пари за цигари.

ТАТКОТО: Пари за цигари. Оди заработи. Остави сметката, знаеш ли дека треба да одиме на свадба. Срамота е ако не им однесеме барем 20 литри свеж воздух. А крштевката на твојот втор братучед? Мислев едно мало резервоарче да однесам И ти ми бараш пари. Е, нема.

СИНОТ: Како бе, нема? Сесија е, полагам испити, главата ми е тапан. Сите мои колеги пушат. Сакаш да им речам дека немам пари за цигари? Остави што без пет цигари асистентот не те ни пушта на испит.

ТАТКОТО: Еве ти една и барај си го чарето. И јас немам повеќе. (Вади цигара и му ја дава)

СИНОТ: (Ја зема) Луда куќа. Ајде, ќе се изгребам од колегите. Веќе сум дебело во минус. (Излегува)

ТАТКОТО: Со среќа! (Се загледува во публиката)

 

 - ЗАВЕСА -

април 12, 2008

ЗА СИТЕ АЏАМИИ ТАМУ НЕКАДЕ…

Зачувано под: општество —— virial @ 10:43 pm

Што значи да си млад денеска? Да си млад денеска значи дека живееш во доста динамично време, значи дека ти се достапни многу можности. Старите се подразбира дека ти завидуваат на младоста сама по себе, а ти треба да се гордееш со тоа. Гордоста стигнува само дотаму додека не посегнеш во џебот да осетиш колку пари имаш. Ако го претставуваш просекот во Македонија, ќе фатиш стап што ќе рече дека џебовите ти се празни, и брзо допираш до суштината. Па, се чешаш кај што не те јаде (а може и убаво да ти дојде), и си мислиш колку е убаво што си млад…

 

Еден другар ми рече дека животот е река во која сите плукаат. Друг дека е голема мистерија која не се објаснува и дека парите не значат многу, дека духовноста е единствено важна. Пробав да купам леб и на продавачот му понудив да го платам со духовност. Не ме сфати озбилно.

 

Пробавме доста идеологии. Воглавно лежејќи и филозофирајќи. Го демистифициравме падот на хипиците, ги разоткривме махинациите на комунистите, сега спаднавме да живееме со капиталистите. Па, си рековме да го пробаме новиот систем. Во оваа и ваква Македонија, тешко е да се најде работа. Некои од нас и успеаа, и веќе почнавме да се уживуваме во новата улога, и да стекнуваме нова прагматичност. Е, сега веќе се менуваат работите. Се има некоја пара, па можеме и да почнеме да се идентификуваме со новата буржазија. Сега можеме да земеме кола на кредит од 30 години, или да купиме стан со отплата на 50 години со камата од 15%. Ако се обидеш да објасниш на оние во банката за некои нелогичности во овој модел, те гледаат како да си паднат од Марс.

 

Ми текнува да бегам оттука, ама скапав чекајќи во редот за шенген. Комшијата со сомнително минато ми нуди пакет аранжман – за 1500 евра комплет документи и шанса за нов почеток во јунајтед стејтс, плус авионска карта. Се мислам…

 

Се мислиш, и на TV гледаш вести дека градот ти станал метропола, а доказ за тоа е дека Наоми манекенката ти дошла во него и значајно ги прекрстила нозете, и кажала нешто мнооогу паметно. Брзо отвараш некој учебник и земаш да рачунаш колку вакви ке искрепи земјата пред да попушти… па се откажуваш. Па ти рекламираат кафе некои долгоноги тетки, и сугестивно ти порачуваат дека само ако се напиеш од нивното, веднаш ке ти дадат и од нивниот… шеќер. Кафето стана најважен производ. А и маслото, и прашакот, па не било важно дали тој чисти, туку како мириса, колку се меки алиштата после перење, абе остај…

 

Мотам канали, и гледам еден куп реклами за мобилни, луѓе што се мнооогу несреќни, но наеднаш нивниот живот добива смисол кога ќе каснат маргарин и чајна… се разбира не било која. Е, сега е доста. Гасам телевизор, излегувам да се шетам, па гледам по корзо сојки. Пардон, девојки… девојки гледам де кои на -25 се шеткаат по мини сукњички и голи стомачиња. Влегуваат во кола со грчки таблички и ме убедуваат дека џабе се мачам, вака најбрзо се штеди за стан…

 

Абе во право се, си мислам другиот ден на работа… Само што јас се проституирам со мозоков, ама па од друга страна за тоа учев. Сум станал ментална проститутка.

 

Е па, кога е така, еве вечерва решив интелектуално да мастурбирам а продуктот да го поделам со сите читатели. Богами, лесно е да си млад денес. Толку лесно, што некогаш ми доаѓа да остарам. Онака, само за да пробам како е.

 

Или, пазете ваму: не ми текнува дали сум го прочитал ова или мене ми текнало, ама не е битно. Би требало да се раѓаме стари, па да правиме што и да е, некоја декада, потоа омладуваш, си ја креваш пензијата, правиш што сакаш, си кулираш, а умираш во оргазам. Хмммм… ете, тоа би било во ред, за промена. Ама, најверојатно сите нема да се сложат со ова, па нема да се усвои. Ма, што ми е гајле, еве го ставам на гласање…. Па, гласајте. Ај чао.

Powered by WordPress