КОНТРА ЕНТРОПИЈА

октомври 23, 2011

Сонцето денес

Зачувано под: наука —— virial @ 3:03 pm

Нашата ѕвезда на 23 Октомври околу 15 часот:

sonce

Сонцето на 23.10.2011

Фотографирано со телескоп Meade ETX 80, и Canon EOS 1100D. Експозиција: 1 / 800 sec. Користен е Baader Planetarium филтер за објектив со пропусна моќ од 1 / 1000 од 1% од сјајот на Сонцето.

Видливи се повеќе групи на дамки; Сонцето ја зголемува својата активност. Во групата на дамки која се наоѓа кон крајот на дискот забележливи се и региони на зголемена активност околу дамките.

Важно: НИКОГАШ не го набљудувајте Сонцето без соодветна заштита. Наочари за заварување, наочари за сонце, CD, развиен фотографски филм НЕ се соодветна заштита.

август 2, 2011

Транскоп или Роскоп

Зачувано под: општество —Tagged , , , , — virial @ 7:16 pm

Регионалниот и меѓуградскиот превоз во Битола е во надлежност на претпријатието „Транскоп“. Ако сте патувале со автобус во или од Битола, најверојатно го знаете тоа. Транскоп постои одамна, во старите едноумни времиња беше „фирма и пол“. Денес, кога е приватизиран, за жал не е така. Велам за жал, оти сакам нештата да функционираат во родниот ми град. Секоја година кога сум во Битола, ги користам нивните услуги и секоја година сум се по разочаран. Пред неколку години се случи и несреќа во која беше вмешан еден од флотата на дотраени транскопови автобуси, но освен многу зборување, гледам дека ништо не се променило.

Единствена промена е што автобуската станица во Битола беше внатрешно реновирана (само до половина, а надвор е сеуште во распаѓање) и што „Транскоп“ има веб сајт од Ш категорија. Но промена во возниот парк нема, а цените се во чекор со другите компании кои нудат далеку поголема удобност.

Пред две години не ми беше дозволено да патувам од Охрид до Битола иако имав повратен билет а во автобусот имаше место. Откако искористив друг превозник (Опал Ком од Кавадарци, чиј автобус беше климатизиран и во кој имаше униформирана „стујардеса“) „Транскоп“ одби да ми ги врати уплатените средства за релацијата Охрид – Битола. Тогаш молчев.

Пред извесно време требаше да одам до Берово. Директна линија Битола – Берово не постои. Можеби е тоа оправдано. Алтернативите се да се оди преку Струмица, Велес, Кавадарци или Скопје. Времето на патување се зголемува а најкратко е преку Струмица. Од Велес не постои можност за купување повратен билет до Берово, а билет во еден правец чини 540 денари. Не навлегувајќи во проблематиката на овие чудни состојби, се решив да патувам преку Струмица и за 600 денари купив повратен билет, плус 10 денари за гаранција на багажот (?!).

Автобусот кој одеше до Струмица не беше автобус, туку некој вид на минибус. Замина речиси полн, без клима, дотраен, бучен. На нашите протести зошто превозот до Струмица (4 саати пат) се прави со овој минибус, а до Демир Хисар замина поголем и подобар автобус, возачот одговори да не се жалиме на лошиот минибус, барем ни испратиле „убав шофер“. Го разбирам дека мора да се шегува за да ја задржи присебноста во своите услови за работа, ама нам не ни беше смешно, посебно кога на половина пат некој поврати (помало возило е нестабилно, и повеќе осцилира по патот), па освен со жешкото време требаше да се носиме и со непријатната миризба, а две седишта беа неупотребливи.

Минибусот застануваше во секое поголемо место, прибирајќи нови патници, па од Кавадарци натаму веќе беше полн и со луѓе кои стоеа. Дали луѓето во „Транскоп“ имаат информација колку карти се продале пред да тргне автобусот? Француските туристи кои беа во минибусот се запознаа на уникатен начин со убавините на Македонија.

Во Струмица чекав три саати за да го фатам комбето кое оди за Берово. Климатизирано комбе, кое патем беше речиси исто како нашиот „автобус“. До берово оди за саат и пол, а услугата чини 170 денари. И во Берово и во Струмица го разгледав возниот парк на тамошните транспортни компании, и можам да кажам дека е подобар од оној на „Транскоп“.

Не дека нема и таму проблеми. Единствен начин да се стигне на време од Берово до Струмица за потоа да се фати автобусот кој поаѓа за Битола е да се тргне во 07:10 сабајле а такси компаниите почнуваат со работа во 06:30 (не прифаќаат да возат порано ни со претходна најава и тоа во лето), па ако сте во некое село, нема начин на време да стигнете на станица. Очигледно селскиот туризам е предвиден само за гости со сопствен автомобил, а така и ќе остане се додека некој не реши да ги искоординира транспортните претпријатија.

На враќање за Битола сообраќаше автобус, со хидраулика која „поткашлуваше“ и секако без клима. За резервација на повратниот билет се наплаќа 40 денари, плус 10 денари за багаж и такса за услугите на станицата кои вклучуваат едно мошне непријатно WC.

Она што ми остави впечаток е фактот дека Берово се изменило на подобро од пред 15 години кога за последен пат сум го посетил, и тоа повеќе од Битола, ако се земе во предвид разликата во бројот на жители.

Порака до битолските градски власти. Крајно време е да почнете да работите повеќе, започнувајќи од контрола на „Транскоп“.

Весела математика. Еден автобус кој сообраќа до Струмица ако пренесува 40 патници со купен повратен билет, заработува 24 000 денари. Да речеме дека автобусот ќе потроши 100 литри дизел гориво, останува 18 000 денари чиста заработка. Со само една линија (а ги има една дневно) се покрива и месечната плата на возачот. Ако ги земеме во предвид и сите давачки, па и реновирањето на станицата, јасно е дека пари има и за нови автобуси и за делови, и за пристојна заработка на сопственикот. Само што мене ми изгледа дека сопственикот сака да заработи и повеќе од она што е пристојно, на грбот на нас, патниците кои обично си ќутат, а и власта не се „замара“ со контроли, ако добро се „подмачка“.

јуни 10, 2011

Нова свест?

Зачувано под: општество —Tagged , — virial @ 10:44 pm

Конечно почна. Ќе расправаме дали требаше толку да се чека или не, но сега е важно дека после толку години чекање, младите во Македонија конечно се осмелија да излезат и да кажат што мислат и тоа во поголем број, во повеќе градови во државата. Иронично е тоа што можеби кон сево ова свој придонес даде и вулгарната предизборна кампања, па можеби се чекаше само повод да се излезе и да се исфрли на улица  незадоволството од тоа да бидеш третиран како не-мислечка стока. Жално е што требаше смрт да ги мотивира луѓето, ама докажано е дека тоа е најсилниот мотиватор. Дури и паролите се соодветни на тоа (можеш да бидеш и ти). Убиениот човек нема да се врати, ама можеби може да му се оддаде соодветна почит ако реакцијата на ова убиство послужи за да се праша и да се најде одговор за сите забошотувања на одговорноста и злоупотреба на службената должност на сите оние на кои им е доверена јавна служба во Македонија во последните 30 години.

Листа на сите познати злоупотреби можеби и ќе биде составена; таа би можела да вклучува атентати, „несреќни“ случаи, коруптивни однесувања, неисполнување на законски пропишани норми од заштита при работа, лекарски неетичности и „грешки“, и.т.н.

И токму тука ми е поентата, дека тековните протести би требало да испорачаат конкретни барања за одговорност од страна на МВР за нивниот обид за прикривање на фактите, но исто така и да се обидат да ја начнат темата за расипаниот колективен систем на одговорност во Македонија. Конечно да започнеме да зборуваме за работи кои сите ги знаат. Краток осврт:

Сите знаат дека во професиите кои се занимаваат со општествено одговорни работи правилниците се она кое што се почитува само второстепено. Првостепена е верноста кон колегите и покривање на „газот на колективот“.

Сите знаат дека лица со досие се „преработуваат“ во полициските структури, а потоа стануваат обезбедувачи на партии, или во приватни компании. Пријателствата кои се оформиле помеѓу нив продолжуваат и понатаму кај и да се, па имаме буквално паравојски на терен чии што лојалности се наоѓаат којзнае каде.

Најчесто обезбедувачите и возачите ги знаат највалканите тајни на своите шефови, па оттука е дискутабилно кој навистина владее со една држава.

Сите знаат дека и универзитетот не е имун на овие инфекции. Автономија не постои во реалноста, и овие протести се одлична можност да се даде гласност и на тоа прашање.

Сите знаат дека студентите живеат во кочини и дека досега не се бунеа.

Изгледа протестите се можност да се даде гласност на тоа колку веруваме дека општеството во кое живееме е ОК, да се постават темелите на некое движење кон подобро. Никулци постојат, организации постојат, но се прашувам дали воопшто се и потребни. Според искуството, организациите ретко кога нешто решиле. Познатата фраза дека ако сакаш нешто да забошотиш прво што треба да направиш е да формираш комитет не е далеку од вистината.

Ако социјалните мрежи се толку ефикасни, а Македонија е умрежена, зошто да не се гласа во иднина онлајн? Би се заштедиле пари. Зошто за секое поважно прашање да нема референдум онлајн? Тогаш ќе треба да се има и одговорна и образувана популација, и тогаш нема да може да се импровизира…

Патем, Македонија е испромовирана насекаде по светот за ич пари со просто ретвитување и поставување на содржини токму како оваа која ја читате.

Толку. Коцката е фрлена, да видиме колку ке оствариме ;)

февруари 17, 2011

All of us

Зачувано под: литература —Tagged — virial @ 3:23 pm

To Anderson and King…

In the sky birds are aflutter,
springtime, springtime

all is life now
all the life matters

and stirrs and roars
purpusefullness gleans

in each eye, in each cell and gene.

The dust yonder in space
dreams and waits

life-force unfathomed, shapeless
knocks at the gates

potentials whirl
among star’s utter delights

while we await and dream
of our flight

Oh, glorious it shall be,
full of wonder, delight

none of day-to-day chores
none of the plight

yay, it must be, it’s a mirage
a ghost

some men think thusly
forebode more than most.

For what is it if not
the age old purposefulness,

which stirs in our bones
calls us, behests

while spring time outside
comes in our thoughts

why else should we think
of galaxies, life, energies like ghosts?

Tis’ our nature to wonder
and dream and long

calculate, model
all and not at all.

Driven always onward,
but rooted in dirt

starry skies in our eyes
in us, ideas at birth.

февруари 6, 2011

Во потрага по првите ѕвезди со LOFAR

Зачувано под: наука —Tagged , , — virial @ 5:37 pm

LOFAR е најновиот телескоп кој е ставен на располагање на астрономите од целиот свет. Официјално беше пуштен во употреба во Јуни 2010 година. Можеби се прашувате каде се спектакуларните слики од големото огледало, куполата, и на кој непристапен планински предел е изграден. Одговорот е дека нема ни огледало, ни огромна зграда за телескопот, а локацијата е насекаде во полињата на северна Холандија (наскоро и Германија, Британија, Франција а можеби Полска и Украина). Тоа е затоа што LOFAR (LOw Frequency ARray – нискофреквентна низа) не е оптички телескоп кој користи видлива светлина, туку радио телескоп кој што го набљудува универзумот користејќи радио бранови. И тоа не било какви радио бранови, туку оние со ниски фреквенции, од околу 10 MHz до 240 MHz. За споредба, FM радио станиците емитуваат програма на фреквенции кои што се наоѓаат во опсегот од 87 MHz до 108 MHz. За радио астрономите ова се навистина ниски фреквенции, на кои што не се вршени многу истражувања. Многу е важно да се направат детални набљудувања во овој фреквенциски опсег, а посебно набљудувања со висока резолуција. Важноста се состои во тоа што на овие ниски фреквенции процесите во небесните тела кои што го произведуваат радио зрачењето се со помала енергија, па соодветно, ќе можеме да видиме какви се познатите радио извори во тој енергетски домен, а исто така и ќе биде возможно да се откријат и нови, досега непознати радио извори кои поради разични причини зрачат многу малку моќност на повисоките фреквенции.

За да се оствари оваа амбициозна програма на набљудување, потребен беше инструмент како LOFAR. Изработен според нов концепт, без користење на скапи антени, и со доволно голема активна површина за да овозможи прецизно мапирање на небото. Посебноста на инструментот е во тоа што тој е интерферометар, радио – сликите на небото се добиваат со комбинирање на зрачењето кое е регистрирано со повеќе антени истовремено. А самите антени не се оние добро познати „чинии“, препознатливи од филмовите како на пример „Контакт“. За ниските фреквенции на кои LOFAR работи, тие не се потребни. Секоја „антена“ е составена од десетици мали антени. Зрачењето што го регистрира секоја од нив се претвора во електричен сигнал кој се дигитализира и се обработува во еден специјален суперкомпјутер. Така, една антена се „конструира“ софтверски. Самиот LOFAR се состои од 46 вакви „софтверски антени“. Предноста на овој пристап е во тоа што целиот телескоп може да се конструира од многу ефтини елементи. Ако поминете покрај полето кое ги содржи поединечните антени, многу е веројатно дека нема ни да ги забележите. Уште една голема предност е тоа што нема подвижни делови. Телескопот ги избира целите за набљудување и ги следи по небото пак со помош на компјутер. Уште повеќе, може да набљудува и во повеќе насоки истовремено. Објектите кои LOFAR ги проучува се разновидни. Од релативно блиски радио галаксии, пулсари, космички зраци, остатоци од супернови и остатоци од судири во галактичките јата, се до зрачењето од квазари „на крајот“ на вселената.

Но, еден од главните истражувачки проекти на кој што се работи е тоа да се отиде уште подалеку и да се детектира зрачењето на првите ѕвезди кои се формирале после Создавањето. Според моделот кој е во моментов најшироко прифатен, Вселената е создадена во голема „експлозија“ која се случила пред околу 14 милијарди години. Не е тоа класична експлозија како кога експлодира петарда на пример, кога се знае каде се случила експлозијата и каде што имаме ширење на фронт од мали парченца од експлодираната направа. Експлозијата на Почетокот го создала самото простор – време, односно во тој момент се создала и содржината на универзумот (енергија / материја) и самата основа за мерење на растојанија (просторот) и интервали (времето). Точно поради ова, големата експлозија не е класична експлозија, туку се случила насекаде истовремено (насекаде значи во целиот тогашен Универзум кој бил многу помал од денешниов). Простор – времето во тие моменти било исполнето со енергија, а како што простор – времето се ширело, така и волуменот на Космосот се зголемувал, и температурата опаѓала, па по неколку минути било доволно ладно за да се формираат и првите најједноставни атоми (оние на водородот) од елементарните честички кои се создале од енергијата присутна во Почетокот. Она што е значајно за овој момент е следното. Се до моментот на создавање на овие први атоми, целата материја во тогашната Вселена била во состојба на плазма (јонизирана), тоест електроните и протоните си постоеле независно едни од други, во рамнотежа со фотоните и го исполнувале целиот простор. Но, штом се формирале атомите, наеднаш електроните и протоните се поврзале, и фотоните немало со што да се во рамнотежа односно можеле да се движат слободно. Ако претходно тие фотони имале време да изминат сосем мало растојание пред да се судрат со некој протон или електрон, после формирањето на атомите, времето помеѓу два судари на еден фотон со атом на водород драстично се зголемило, односно фотоните сега можеле да преминуваат големи расстојанија. Дури и кога ќе се случел судар, атомот се јонизирал само за кратко време а потоа емитувал нов фотон штом електронит и протонот пак ќе се соединеле. Овие слободни фотони не биле имуни на ширењето на вселената, како што патувале, губеле енергија поради тоа ширење, и денес стигнуваат до нас како многу слабо зрачење со бранова должина од неколку милиметри, рамномерно распределено по цело небо. Ова е познатото позадинско зрачење кое е еден од главните докази за теоријата на големата експлозија (Big Bang).

После оваа епоха, Вселената била исполнета со неутрален гас. Немало ѕвезди, немало ни галаксии, ништо што произведува светлина. Ова е таканаречениот период на „темните времиња“. Се разбира дека ова не можело да потрае бесконечно долго, ако било така, денес ние немаше да постоиме. Под влијание на гравитацијата, гасот започнал да формира региони на поголема густина, тие региони уште повеќе се згуснувале, и се формирала првата ѕвезда, а после неа и други. Во тој момент, првиот зрак на светлина се родил во мрачниот Космос, за прв пат после Создавањето. Овие ѕвезди започнале да емитуваат ултравиолетова светлина која можела пак да го јонизира водородот, тоест да го раздели на протони и електрони. Кога тоа започнало, околу овие објекти кои што светеле се создавале се поголеми и поголеми „меурчиња“ на јонизиран гас (плазма), но бидејќи сега густината на овој јонизиран медиум била доволно мала, честичките не можеле толку лесно да формираат атоми брзо по јонизирањето. Јонизираните региони од поединечни ѕвезди започнале да се спојуваат и постепено се создала состојбата која ја гледаме денес, а тоа е дека најголем дел од гасовите во вселената се јонизирани, со мала густина и светлината од далечни региони на вселената може да стигне до нас (Слика 1). Ова е таканаречената епоха на рејонизација (Epoch of Reionization – EoR)

Приказ на потеклото на EoR сигналот (Салем Заруби и соработници)

Приказ на потеклото на EoR сигналот (Салем Заруби и соработници)

Која е улогата на LOFAR во сево ова? Погоре рековме дека постоел период кога цела материја во Вселената била во форма на неутрален водород. Овој неутрален водород има едно интересно својство. Протонот и електронот во атомот на водород може да се најдат во две состојби. Едната е кога и протонот и електронот „се вртат“ околу своите „оски“ во иста насока, а другата е кога „вртењето“ на протонот е во една насока а на електронот во друга. Овие две состојби не се со иста енергија, и од време на време се случува атомот спонтано да премине од една во друга состојба. Притоа, се емитува зрачење (фотон) кој има мала енергија, односно се наоѓа во радио делот од спектарот на фреквенција од 1.41 Ghz. Кога се појавиле првите ѕвезди и првата светлина, видовме дека водородот започнал да се јонизира, и тие јонизирани региони веќе не емитуваат вакво зрачење. Бидејќи знаеме кога се случило ова јонизирање, можеме и да пресметаме за колку ќе се намали фреквенцијата на ова зрачење (поради ширењето на Вселената) од моментот кога водородот го емитувал до денес. Може да се покаже дека денес може да го детектираме ова зрачење ако наблудуваме во фреквенциите на кои ќе работи LOFAR. Истовремено, LOFAR е идеален инструмент затоа што има висока осетливост за да го детектира ова зрачење, и е способен да набљудува големи делови од небото, а ова е значајно бидејќи регионите кои го емитуваат ова зрачење зафаќаат голема површина на небото.

Како би изгледало ова зрачење ако успешно се детектира сигналот? Видовме дека пред да се формираат првите ѕвезди насекаде имало водород, значи целото небо зрачи. После создавањето на првите ѕвезди, започнуваат да се појавуваат меурчиња кои не зрачат. Значи, како што телескопот скенира фреквенции кои одговараат на различни времиња околу времето на настанување на првите ѕвезди би требало да видиме рамномерно осветлено небо кое постепено се „кине“ како што материјата се повеќе и повеќе се јонизира (слика 2).

Еволуција на EoR сигналот (Салем Заруби и соработници)

Еволуција на EoR сигналот (Салем Заруби и соработници)

Секако, ова е идеализирана слика. Пред се, LOFAR нема доволна осетливост за да направи слики од овој процес, туку се што може е да го регистира статистички, тоест кога веќе ќе го детектира потребниот сигнал, да ги определи неговите вредности за различни делови на небото не преку правење на слики, туку преку испитување на статистичките особини на тој сигнал во зависност од тоа од кој правец доаѓа.

Различни пречки кои влијаат врз откривањето на EoR сигналот (Заруби и соработници)

Различни пречки кои влијаат врз откривањето на EoR сигналот (Заруби и соработници)

Пред да се оствари вакво мерење, треба да се решат многу проблеми кои се појавуваат кога се работи на вака ниски фреквенции, а тоа е влијанието на материјата во нашата галаксија, просторот меѓу галаксиите, како и (можеби и најзначајно) влијанието на јоносферата ма Земјата врз простирањето на оној сигнал кој го бараме (слика 3). Овие предизвици се големи, но не се толку големи за да не може да се совладаат, и во моментот кога ова го пишувам, LOFAR ги врши првите набљудувања со чија анализа ќе можеме посредно да го видиме настанувањето на првите ѕвезди.

декември 19, 2010

Кога ваков фестивал и во Македонија (Битола)?

Зачувано под: наука —Tagged , , — virial @ 2:56 pm

Се дискутира во Македонското општество за политика (најчесто), за мода, стилови на живот, култура (музика, филм), каде свирел Трпчевски, колку пари потрошил Манчевски. Се случуваат филмски фестивали (заборавив колку годишно), филмски ревии, концерти (фолк, рок, ска, класика), манифестации од типот да ја заживееме чаршијата, има изложби, се објавуваат книги, се обновуваат постановки на музеи. Се промовира културен туризам, се градат споменици и спомен обележја. Македонија безвремена, вечна, папок на светот. Се е во ред.

А кога во Македонија ќе се случи нешто вакво?

Примерот е од комшии. На сето она кажано погоре, уметниците викаат дека се нема пари, дека не се прави доволно. На сето она кажано погоре, научниците (од егзактните науки) молчат. Quo vadis?

Фестивал на науката

Фестивал на науката

декември 12, 2010

За времето

Зачувано под: наука —Tagged , , — virial @ 6:08 pm

Често кога зборуваме за вселената велиме дека кога гледаме во небото всушност гледаме назад во времето. Зошто е ова така? Што станува кога ги гледаме предметите околу нас? Всушност ова „гледање наназад“ е секогаш присутно, само што во случај кога го гледаме компјутерскиот екран на пример не забележуваме дека на светлината која тој ја зрачи и треба милијардити дел од секундата да стигне до нашите очи.

Кога се работи за појави кои се далеку од нас, ова доцнење почнува да се забележува. На пример, на светлината од Месечината и треба околу една секунда да стигне до Земјата, од Сонцето – 8 минути, од Плутон приближно 5 часа. Значи, ако го набљудувам Плутон во моментов, ја примам светлината која од него била емитувана пред 5 часа, тоест го гледам каков што бил 5 часа во минатото. Најблиската ѕвезда ја гледаме онаква каква што била (и каде што била) пред околу 4 години, најблиската галаксија пред околу 2 милиони години, а најоддалечените квазари какви што биле пред околу 12 милијарди години. Сево ова е последица на конечната брзина со која се движи светината.

Во физиката е вообичаено да ги претставуваме настаните во Светот користејќи нешто што се вика координатен систем. Тоа е алатка за изразување со која споредуваме каде се наоѓа некој објект во однос на некоја стандардна точка. На пример, ако за стандард земеме едно ќоше од просторијата во која се наоѓаме, нашата позиција можеме да ја претставиме како на сликата

координати

координати

Дебелите линии нека се аглие на просторијата каде што се спојуваат два ѕида. На местото каде што се спојуваат три ѕида сите три линии се пресекуваат; таму нека биде стандардот за споредување, односно нашиот координатен почеток. Точката е читателот. Се гледа дека само три броеви го определуваат неговото место во просторот. Ако мериме во метри, би рекле дека тој е 3 метри оддалечен од предниот ѕид, 1 метар од левиот ѕид и 2 метри од подот. Можеби е качен на накоја скала. Потенките линии се тука само за да го водат окото. Сега, би сакал да го прикажам и времето на сличен цртеж. Но, има проблем. Ако додадам уште една линија кја би го претставувала времето, би требало да цртам во 4 димензии, а тоа е засега невозможно. Друг проблем е што секој објект постојано се движи напред во времето без разлика кој момент од времето би го зеле за почетен… Да се обидам на следниов начин. Нема да цртам во 3-D, туку мојот цртеж сега ќе има две оски; едната хоризонтална која ќе означува растојание од некоја точка и другата вертикална која ке означува колку секунди поминале од почетокот на мерење на времето.

Време и простор

Лево е претставен нашиот читател кој мирува. Тој не се движи во просторот, но се движи во времето со брзина од една секунда секоја секунда, па сите позиции кој ги зафаќа се спојуваат во една линија (полесно е за цртање). Десно е истиот читател кој сега се движи во просторот (веќе рековме дека поради едноставност ќе претпоставиме дека разгледуваме само еден правец во просторот) надесно, но исто така се движи и во времето. Сега тој е претставен со искосена линија.

Сакаме да зборуваме за појави кои што се поврзани со светлината, но таа се движи толку брзо што треба да размислиме како да ја претставиме на цртеж. Можеме да речеме дека полесно би го постигнале тоа ако брзината на светлината ја означиме со „1“ и ја направиме наша единица за мерење, наместо 1 метар. Тогаш растојанијата ќе се мерат со нова единица мерка а тоа е поминат пат за една секунда кога би се движеле со брзина на светлината. Како би изгледале тогаш нашите цртежи?

Дозволени и забранети патишта

Некако како горната слика. Прикажани се два настани, А и В. косите линии кои се под агол од 45 степени ги прикажуваат патеките на светлината ако некој на две места оддалечени едно од друго во два различни моменти емитува светлина. Во нашата претстава светлината се движи со единечна должина која ја дефиниравме погоре, и нејзината патека на овој цртеж секогаш е права линија под агол од 45 степени во однос на оските (кои не се прикажани). Сетете се дека времето е вертикална оска а просторот хоризонтална. Линијата која започнува од А и оди нагоре може да го претставува оној кој ја емитувал светлината во моментот А. Тој останува во место и е неподвижен, но се движи во времето.

Линијата која завршува во В може да биде оној кој дошол од десно со некоја брзина (помала од брзината на светлината), застанал во В и емиувал светлина. Важно е да се види дека за настаните А и В се што е заградено со двете коси линии над и под А и В е целиот свет во нивното минато и иднина. Во моментот на емитување, ниту А ниту В не може да знаат еден за друг. Уште повеќе, некој објект кој постоел во минатото на В (кое е надолу) не можел да биде набљудуван од А било кога, туку само од моментот кога двете минати истории на А и В ќе станат заеднички, а тоа е моментот означен како С кога двете гранични линии на настаните А и В се сечат.

Патеката d е забранета затоа што ништо не може да се движи побрзо од светлината (не смее да има линија која зафаќа агол помал од 45 степени со хоризонталната оска). Ова е и основната причина што далечните галаксии ги гледаме како што изгледале пред многу години. Кога линии како d би биле дозволени, би можеле да гледаме се како што е во моментот независно од далечината.

Погорното е само вовед во специјалната теорија на релативитетот. Интересни откритија го чекаат секој кој ќе продолжи да истражува.

октомври 23, 2010

NOVA од Скопје, FYR Macedonia или…

Зачувано под: општество, политика —Tagged , — virial @ 10:14 pm

Читам и не им верувам на очиве. NOVA, „елитната“ гимназија од Скопје го поканила Кофос да одржи предавање за „проблемот“ со името на Македонија, истата онаа држава која ја вдомила оваа престижна гимназија. Невиден мазохизам. Значи, го поканиле еден од стратезите на грчката надворешна политика, стратег кој дебело е замешан и е еден од идеолозите на грчкото справување со Македонското прашање да на младите во Македонија им ја пренесе својата загриженост дека тие како Македонци не се доволно прагматични и не знаат како се игра реал – политика. Ама милина. Само што се сомневам дека им се обратил како на Македонци. Исто така, не верувам дека кажал оти е во Македонија, туку дека дошол во „нивната земја“ или некои слични глупости.

Ајде, учениците се тоа, ученици. Најверојатно им било досадно и гледале што побрзо да заврши часот. Но, нивните професори би требало да знаат подобро. Не верувам дека на децата на странските дипломати кои се запишани во NOVA им е гајле за Кофос, имиња и слично. Но, на професорите би требало да им е гајле. Освен ако не се толку заслепени од тековната мода на „запознавање на другоста на другиот“ што го оставаат тој другиот да прави што сака и преку границите на пристојност. Не знам, не бев на „часот“, но ако јас бев родител на дете кое учи таму и притоа плаќам солена цена за школарина, ќе се замислев дали да продолжам со таа моја практика.

Ама како што тргнале работиве, во Македонија може да дојде секој и да соли памет.

За добра мера, следно што очекувам е во некое средно школо во Приштина да го поканат министерот за надворешни работи на Србија да говори на тема за реинтеграција на Косово во Србија. Само, мислам дека тој филм нема да го гледаме оти не му е по кеф на шефот на салата…

Тумбе – кафе без астрономија

Зачувано под: наука, општество —Tagged , — virial @ 9:59 pm

Како што сме напишале и порано на сајтов, состојбата со астрономијата во Битола не е нешто со кое треба да се гордееме. Кажувано беше и за идеата да се направи мала граѓанска опсерваторија на Тумбе – Кафе. Деновиве се привршува со изградбата на летната сцена на тоа познато ритче, трим патеката е обновена, поставено е осветлување.

Се е тоа во ред, и убаво е што е така. Но, она што нам како астрономи ни смета е тоа што пак е испуштена можноста да се направи нешто поинакво од обична инфраструктура. Да се направи нешто кое што би ја приближило науката и вселената до битолчани.

Несомнено, астрономското друштво од Битола носи поголем дел од вината за овој пропуст, фактот што активноста е на ниско ниво, што нема некоја посебна иницијатива. Но, проектот за опсерваторија е сеуште кај градските власти, а друштвото не е известено дали воопшто е разгледуван, кое е образложението за одлуката дека опсерваторијата не е пожелна на Тумбе – Кафе (ако воопшто е тоа решено).

Не сме толку наивни за да не можеме да претпоставиме на кој начин се носат одлуките на локално ниво, и свесни сме дека астрономијата е езотерија за Битола иако тоа не би требало да е така. Но, тука сме за да потсетиме на тоа кога се донесени некои (погрешни) одлуки. Оттаму и поводот да се напише постов.

Преземено од: Астрономско Друштво – Битола

септември 17, 2010

Битола – Париз со Ориент Експрес

Зачувано под: општество —Tagged , , — virial @ 2:08 pm

Идеата за постов се роди сосема случајно, кога гледајќи ја епизодата 5 од (некогаш) култната серија „Грлом у јагоде“ стигнав до временската референца 6:48.

YouTube Preview Image

Дознав дека во седумдесеттите години од 20 – тиот век имало можност да се патува од Битола до Париз. И тоа не било како, туку со директна линија! По трасата на познатата линија Ориент Експрес. Не сум „југоносталгичар“ (што и да значи тоа), ама сигурен сум дека денес во Битола младите не можат ни да си ја замислат оваа можност. Директна линија. Без преседнувања и малтретирања. Си купуваш карта (дали преку туристичка агенција, дали на самата станица во Битола – нешто кое би сакал да го видам), не ти треба виза, седнуваш, и за неколку дена си во Париз. Картата е повратна, па по мало разгледување, оп – назад во Битола. Каков космополитизам, а? Демек, социјализам беше тогаш, денес е демократија и обединета Европа, а? Аха, да…

Возен ред

Возен ред на Ориент Експрес (преземено од build.mk - сликата е врска до нивниот форум)

Од погорниот видео материјал може лесно да се чуе најавата на станицата која отприлика кажува дека кола број осум е за Битола и дека се оди со резервација, а важи тарифа за брз воз. Значи, возот доаѓа од Париз – Ориент Експрес, со крајна дестинација Истамбул преку Белград и Софија. Еден вагон се одделува од композицијата во Скопје и си продолжува за Битола. Во спротивен правец се е исто. За патникот нема разлика, тој без преседнување си патува од Битола за Париз. Екипата која ја снимала серијата сигурно не ни сонувала дека нешто што тогаш било сосем вообичаено ќе биде тема на соблазнувачки постови на нешто што се вика интернет децении покасно. Колкав напредок и колкаво назадување.

Еден од вагоните

Еден од вагоните (преземено од build.mk - сликата е врска до нивниот форум)

Оваа линија се укинала во 1977 (и никогаш повторно не се воспоставила). Денес Ориент Експрес е сведен на дел од неговата траса. Ако денес сакате да патувате од Битола до Париз со воз, ќе треба да одите приближно вака. Битола – Скопје – Белград – Виена – Париз. Тоа се неколку преседнувања, па чекање да се усогласат пристигнувањата на еден со тргнувањето на другиот воз на наредната делница. Купувањето на карти пак би било вистинска авантура, и покрај користењето на интернет услугите, а патување во два правци по пократок престој би бил кошмар. Не навлегувам во причините поради кои се укинала оваа линија, не ме интересираат. Некој ќе рече дека денес имаме авио транспорт. Да, но со оглед на тоа колкави се цените, фактот дека нема директна авио линија до Скопје од Париз (за Битола не правам муабет :) ), како и тоа дека не секој сака да патува со авион, очигледно е дека сме загубиле многу. А патувањето со воз е неспоредливо со патувањето со авион. Денес, после триесет и кусур години, опоравувајќи се од беснилото на војните, новите држави на балканот ќе се поврзуваат во железничка унија за товарен сообраќај, за патнички уште не знаат. Не им бил рентабилен. Како ќе е, кога за патување требаат и пари, а нив ретко кој ги има. Треба и култура, треба и чувство дека и македонците се европјани. Ама, тоа се долги и широки муабети. Некој убав ден…

Powered by WordPress